„Можеме“ е најголемата, најразноликата и најсилната коалиција која е апсолутен фаворит на изборите

СДСМ ја предводи најголемата, најразнолика и најсилна коалиција составена од 25 политички партии која е апсолутен фаворит на изборите. За првпат имаме целосно мултиетничка коалиција, а 60% од нашите кандидати се жени. 120 имиња на одговорни и угледни граѓанки и граѓани спремни, да се вклучат во процесот на позитивните промени. Спремни да работат за доброто на граѓаните и државата. Сега е време за нови иницијативи на кои се обрзуваме пред граѓаните и пред себеси. 

Ова е повик до секоја заедница, група и индивидуа да учествува во новата иницијатива бидејќи знаеме дека заедно можеме да постигнеме уште повеќе и уште подобро.

Коалициони партнери

Знам дека заедно можеме!

Почитувани граѓани и граѓанки,

СДСМ ја предводи власта три години во кои државата и општеството напредуваат во секое поле.

Направивме пресврт на подобро, ја изведовме земјата на прав пат.

Ги насочивме парите кон граѓаните, ги намаливме трошоците, се посветивме на пораст на сите плати и пензии. Македонската економска политика е успешна, препознаена и потврдена преку сите економски параметри, а стапката на невработеност ја донесовме на историски минимум.

Сето ова го постигнавме додека решававме децениски, тешки прашања. Денес, нашата убава земја, Северна Македонија, е 30 земја членка на НАТО, а ги започнуваме и преговорите со ЕУ.

Денес успешно се справуваме и со здравствените и економските ефекти на корона-вирусот. Донесовме навремени здравствени мерки, а со трите економските пакети и капиталните инвестиции во јавната потрошувачка, помошта за економијата и граѓаните во овој период достигнува 1,1 милијарди евра или речиси 10% од домашниот бруто-производ. Државата презеде одговорност да ги заштити сите граѓани и компании погодени од кризата, за да зачуваме што повеќе работни места и да создадеме услови за нови работни места.

Сега е време за нови иницијативи на кои се обврзуваме, пред вас и пред себеси.

Ние знаеме дека заедно со вас, граѓаните, можеме да постигнеме уште повеќе и уште подобро.

И затоа, оваа криза ја видовме како нова можност. Можност за брза трансформација на нашата економија, зголемена конкурентност, а со тоа и повеќе работни места за сите граѓани.

Можеме! Уште повеќе и уште подобро!

Можеме! Бидејќи знаеме и умееме.

Ова е понуда која обезбедува план за успешно справување со ефектите на корона-кризата, уште посилен економски раст, поодговорни институции,  понагласен напредок, ова се мерки кои обезбедуваат ред, правда и дисциплина.

Развиваме држава за достоинствен живот. Инвестираме во македонското здравство. Им помагаме на компаниите успешно да се справат со кризата.

Преземаме храбри чекори за заштита на природата. Создаваме средина во која младите ќе го јакнат претприемачкиот дух, иновациите и креативноста. Држава која поттикнува користење таленти и вештини за подобрување на општеството. Тоа го знаеме и го можеме!

Влеговме во НАТО – можеме и во ЕУ! Тоа значи сигурна иднина за сите нас и за сите наши деца и гарантиран брз економски развој, затоа што добиваме пристап до пазарот од 4 милијарди евра годишно.

Ние го имаме ова – решенија за сите граѓани, решенија за иднината.

Ова се заложби и вредности во кои за првпат се обединија сите етнички заедници. Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите други застануваме ЗАЕДНО зад програмата која носи уште повеќе и уште подобро за сите наши граѓани.

Ова е чесен, домаќински и одговорен пристап, препознаен, автентичен, македонски модел за напредок.

Имавме можност за помалку од три години да ја однесеме државата светлосни години напред. Ја искористивме!

Сега вие имате можност со вашиот глас да одлучите, одиме напред или се враќаме назад.

Ве охрабрувам да одберете можност за светла иднина. Убеден сум во вашата визија, затоа што знам дека заедно можеме! 

Со почит,